Покрај пандемијата, енергетската криза и покачените цени се нови предизвици за стопанството

Текстилниот и угостителскиот сектор најзасегнати од ковид – пандемијата, металопреработувачката индустрија и електроиндустријата бележат пораст. Ова го покажуваат истражувањата и информациите од Организацијата на работодавачи. Претседателка Владанка Трајковска вели дека ковид – мерките за заштита од Ковид – 19, секако, значително ја влошија ситуацијата во одредени сектори од стопанството.

„Согласно со разговорите и информациите кои ги имаме од нашите членки во овој период како најпогодени се чувствуваат текстилната индустрија, бидејќи тоа го чувстуваат од оној период кога беа затворени сите нарачки од странство. Знаеме дека компаниите од текстилната индустрија најчесто работат за познат купувач. Истовремено, вакви потешкотии чувствуваат и угостителскиот сектор или секторот за туризам. Други одредени сектори имаат подобри периоди во оваа година од она што беше минатите години, бидејќи она што не било изработено во минатото сега се трудат да го надоместат. Оние сектори кои не беа засегнати од пандемијата како металопреработувачката индустрија, електроиндустријата бележат нагорна линија“, вели Трајковска.

Тие ја поддржуваат секоја иницијатива на Владата со цел заеднички да придонесат за надминување на досегашните пречки кои пандемијата ги рефлектираше во индустријата. Во моментов, иако бавно, сепак секторите почнуваат да се поместуваат од статус кво.

„Да се надеваме дека ковид – периодот односно оние кризи во работењето од минатото ќе останат зад нас и сите ние понатаму ќе успееме да се избориме со она што беше препрека, односно лоши нарачки, откажување на нарачки, намалување и ќе продолжиме понатаму да функционираме во услови во какви што сме навикнати да работиме“, додава Трајковска.

Сепак, пред работодавачите и работниците се исправуваат нови пречки. Енергетската криза и покачувањето на цените носат низа негативности. Според Трајковска, ако Владата не излезе со пакет мерки за стопанството, електротрошокот и набавката на репроматеријали ќе биде многу голем проблем за работењето.

Ребека Спасова МНет