Пандемијата го зголеми бројот на жени и девојки – жртви на насилство за 15%

Одржана трибина во рамки на 16. дена активизам во борба против насилството. Во изминативе денови преку различни конференции, трибини и настани се одбележуваше Меѓународниот ден за борба против насилството. Заклучокот е дека бројките покажуваат сѐ уште актуелност и потреба од борба против семејното насилството. Дополнително, ковид – пандемијата и мерките уште повеќе го зголемиле бројот на засегнати жени и девојки – жртви на насилство.

„Бројките говорат дека кризата не само што влијаеше врз зголемување на бројките, туку и врз интензитетот и пројава на нови облици со коишто треба сега да се соочуваме институционално сите заедно за да се спречат истите. Во текот на минатата година 128 случаи беа пријавени во Штип и Струмица, каде се даваат ваквите услуги. Мнозинството случаи се од Штип и речиси 95% од оние кои пријавиле насилство се жени, а во случаите кога имаме и мажи – жртви, насилникот е исто така маж“, истакна Благица Киров, правничка од невладиниот сектор.

Од Општината упатија поддршка за суштинска борба против ова девијантно однесување кое би требало да се сведе на минимум, па дури и доколку е можно, целосно да се отстрани. И тоа не само физичкото насилство, туку и психичкото.

„Ние како Општина Штип даваме целосна поддршка за да ова не биде случај во иднина, да го сведеме на минимум и не само декларативно, туку мораме со вакви програми, со ваков активизам, преку граѓанскиот сектор да дадеме придонес за намалување на овие девијантни појави коишто се дел од современиот живот“, истакна градоначалникот, Иван Јорданов.

Истражувањата и секојдневието покажуваат дека најзастапена форма е психолошкото насилство, а веднаш потоа е физичкото. Најмалку се зборува за сексуалното насилство и вознемирување, зашто жртвите не се спремни да го разоткријат истото. Економското насилство, пак, е најнепрепознатливо и се јавува во различни облици. Бројот на пријави во пандемиски период е зголемен за околу 15%.

Ребека Спасова МНет