Охрид пишува европска приказна – повик до навивачите за силна поддршка во реваншот со Олимпијакос

Ракометниот клуб Охрид продолжува да испишува нови страници во својата европска историја, откако со одлична игра славеше на гостувањето во Атина против Олимпијакос. Победата на гостински терен е значаен чекор, но од таборот на охридскиот клуб потенцираат дека работата сè уште не е завршена и дека клучните 60 минути допрва следуваат на домашен терен.
Спортскиот директор Славчо Ристески упати апел до јавноста и навивачите во пресрет на реваншот, повикувајќи ги да бидат вистинска поддршка за тимот во салата „Билјанини Извори“.
„Одигравме одличен натпревар во Атина и се враќаме како победници, но не смееме да се опуштиме. Ни претстојат уште 60 минути во кои треба да ја потврдиме нашата цел. Бевме прекрасно пречекани од Олимпијакос и мечот помина во фер и спортска атмосфера“, истакна Ристески.
Тој посебно нагласи дека поддршката од трибините може да биде пресудна, но апелираше истата да биде во спортски дух.
„Ги повикувам сите навивачи да бидат нашиот осми играч. Да навиваат фер и коректно, со транспаренти исклучиво за поддршка на клубот и државата. Да ја оставиме политиката настрана и заедно да му помогнеме на Охрид да продолжи да пишува историја“, додаде Ристески.
Реванш дуелот ќе биде вистински испит за амбициозниот охридски состав, кој со поддршка од полните трибини ќе се обиде да го завери пласманот во следната фаза и да ја продолжи европската бајка.