ОФИЦИЈАЛНО: Саса останува во Втора лига, Тетекс ќе игра бараж за опстанок, Локомотива е третолигаш!

Денес беа одиграни натпреварите од последното коло од Втората лига, со што и официјално Каменица Саса останува второлигаш и за следната сезона, откако против Пелистер во Битола одигра 0:0 и обезбеди бод вреден директен опстанок. За врвот се беше познато. Воска како шампион на Втора лига патува за првпат во Првата лига, Гостивар како второпласиран обезбеди прволигашки статут, а пак Вардар ќе игра бараж за влез во ПМФЛ против Скопје.

Тетекс во луд меч со седум гола го доби Арсими со 3:4 и со тоа ќе игра бараж за опстанок во Втора лига, додека пак Локомотива која дома со 2:0 ја доби Беса со победа се одјавува од Втора лига и испаѓа во Трета лига – Север.

Слога Виница испаѓа во Трета лига – Исток, откако во Радовиш загуби со 2:1 од Детонит Плачковица.

Тоа значи дека Борец, Слога Виница и Локомотива се нови третолигаш, а пак Тетекс ќе игра бараж за опстанок, додека пак Саса обезбеди директен опстанок.

Како што кажавме, Пелистер и Саса ремизираа играјќи 0:0 во Битола, па со тоа „рударите“ обезбедија бод што значи директен опстанок во Втора лига.

Локомотива со погодоците на Османи и Иљази ја доби Беса со 2:0, но триумф кој значи и испаѓање во Трета лига – Север.

Тетекс со два пресврти го доби Арсими и обезбеди три бода кој значат бараж за опстанок. „Штофарите“ први стигнаа до водство со голот на Кировски во 20 минута, до крајот на првиот дел од мечот кој се играше во Врапчиште, Лорик Љика беше двоен стрелец за 2:1 на полувреме.

На стартот од вториот дел Мустафа Јусуф погоди за 2:2 и го вратил Тетекс во егал борба за трите бодови. Во 62. минута Спасовски постигна гол за ново водство на Тетекс од 2:3, а пак Кировски со втор гол во 70. минута обезбеди предност од 2:4.

Шпенд Асани во 75. минута постигна гол за конечни 3:4 и голема радост на Тетекс, кој ќе игра бараж за опстанок со еден од петте третолигашки шампиони, односно Осогово, Новаци, Вардар Неготино, Башкими или Влазерими.

Гледачите на телевизија М Нет во ЖИВО преку директен пренос го проследија натпреварот помеѓу Детонит Плачковица и Слога од Виница, меч кој заврши со тримф од 2:1 за радовишни, со што тие сезоната ја завршуваат на 5. место на табелата. Филип Димоски во 12. минута обезбеди предност за домашниот тим, а Бошко Ступиќ во 25. минута погоди за 1:1. Во вториот дел Иван Настевски ги постави конечните 2:1.

Охрид на домашен терен со 3:0 ја доби Беласица. Хусеин Демири беше двоен стрелец за охриѓани, а пак Аљтин Лога беше стрелец на третиот гол за конечни 3:0. Беласица сезоната ја завршува со пет последователни порази.

Кожуф со 3:1 славеше голема победа над најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар на домашен терен. „Вардарци“ на натпреварот во Гевгелија играа со млади играчи, бидејќи ги чуваат искусните фудбалери и своите сили за баражот против Скопје кој се игра веќе на 21. мај (недела) во Кавадарци.

Тони Мичковски беше двоен стрелец за Кожуф, а пак стрелец на третиот гол за домашниот тим беше Христијан Бејков, за гостите единствен стрелец во 85. минута беше Дејан Цветаноски.

Шампионот Воска Спорт со 1:7 го декласираше Борец, кој од следната сезона ќе игра во Трета лига – Југ. Бехар Фета постигна четири погодоци, а во листата на стрелци се впишаа и Аљбин Рамадани, Фитон Адеми и Џемиљ Јахији, а пак Глигор Шиков беше стрелец на единствениот гол за домашниот тим.

Велешката гордост лани играше во Прва лига, а веќе следната сезона ќе игра во Трета лига – Југ, со што Велес ќе остани и без второлигашки фудбал.

Караорман на домашен терен беше поразен од Гостивар со 0:2, а стрелци беа Емран Рамадани и Антонио Каланоски. Гостивар по повеќе од една деценија се враќа во Првата македонска фудбалска лига.