Осогово го доби Карбинци и патува во бараж за Втора лига, реми на дербито во Струмица, реми и во Дојран

фото: архива

Денес наместо пет натпревари во Трета лига – Исток, се одиграа само три натпревари во рамки на 19. коло.

Во Дојран свое соочувања имаа Дојранско Езеро и Брегалница од Делчево, во меч каде двете екипи одиграа 2:2. Домашниот тим на полувреме имаше предност од еден гол кој беше дело на Петар Илиев. Во вториот дел гостите од Делчево направија пресврт со погодоците на Иван Димитровски и Валери Стаменовски. Сепак, во финишот од мечот Драган Џокиќ погоди за конечни 2:2 во 88. минута.

Дербито во Струмица помеѓу Тиверија и Овче Поле заврши без победник со по еден гол во мрежата 1:1. Домашниот тим прв стигна до водство со голот на Ване Новков во 16. минута, а пред крајот на првиот дел Дарко Нацев погоди за конечни 1:1. Во вториот дел мрежите мируваа.

Лидерот Осогово со двата гола на Тоше Манов во 29. и 91. минута обезбеди триумф од 2:0 над Карбици и патува во баражот за Втора лига, а со тоа и можен експресен кам-бек во Втората лига, откако „жетварите“ лани испаднаа од второлигашкото друштво.

Натпреварот помеѓу Малеш и Спартмани во Берово не се одигра, откако екипата на Спартмани од струмичко Градско Балдовци не се појави на Градско стадион во Берово по 30 минути чекање од неоправдани причини.

Ниту во Богданци немаше фудбал, каде требаше Вардарски и Рудар, но гостите од Пробиштип не се појавија на Градскиот стадион во Богданци.