
Општина Штип е во процес на дигитализација, па за кратко време системот ќе се стави во функција. Помалку гужви и чекање во редици треба да биде резултатот од воспоставувањето електронска комуникација помеѓу Општината и граѓаните. Новиот софтвер ќе овозможи праќање барања по електронски пат и целосен увид во предметот, како и испраќање на решенијата, што според градоначалникот Јорданов, ќе се активира веќе од следната година.
„Веќе е избрана фирма којашто го изработува софтверот во вредност од 50.000 долари, проект преку УНДП. Овој софтвер ќе овозможи подобра електронска комуникација со нашите сограѓани, поголема транспарентност во работењето, затоа што веќе гужвите пред шалтери и чекањето во редици ќе бидат минато затоа што нашите сограѓани преку оваа дигитализација ќе може да комуницираат со Општина Штип преку електронски пат без да доаѓаат овде. Барањата кои ги доставуваа во општинската зграда, ќе ги доставуваат по електронски пат. Ќе имаат целосен увид во предметот кој се работи, на кој службеник е доделен, до каде се постапките за изготвување на одредено решение и решенијата ќе може да ги добијат по електронски пат“, вели градоначалникот Јорданов.
Со дигитализацијата ќе се овозможи и електронско пријавување на потребите и проблемите на граѓаните, што според Јорданов, ќе придонесе за заштеда на време и енергија. Меѓутоа, ќе остане и праксата за средби „лице в лице“ со надлежните.
„Нормално, начинот на комуникација ќе биде во зависност од потребите. Средби ќе може да се остваруваат и овде, но оние коишто не се во можност да дојдат овде, истото ќе го остварат на еден попрактичен начин, од електронски уреди“, додава Јорданов.
Новиот начин на работа нема да изискува нови вработувања, бидејќи градоначалникот смета дека сегашниот број може да ги задоволи потребите. Општината има доволен број вработени кои ќе одговорат на барањата преку електронски пат.
„Не предвидуваме нови вработувања. Сметам дека во Општина Штип има доволен број вработени коишто може да ги сервисираат и овие потреби, и овие работни задачи кои вклучуваат одговарање на барањата на граѓаните по електронски пат, така што сега засега не планираме, бидејќи сметам дека моментниот број е доволен да ги задоволи потребите“, додава Јорданов.
Дигитализација на Општината и подобрување на услугата кон штипјани беше и едно од предизборните ветувања, на кое се работеше веќе неколку месеца.
Ребека Спасова М-Нет