Општина Штип ги награди најдобрите маски на овогодинешниот првоаприлски маскенбал

Бубамари, пирати, принцези, кралици беа само дел од овогодинешните маски на маскенбалот одржан во просториите на Општина Штип. Децата од предучилишна возраст и првооделенците од основните училишта со своите наставници и ментори креираа уникатни маски за 1 април, Денот на шегата. На самиот почеток на настанот со музичка точка се претставија учениците од ООУ „Славејко Арсов“, кои ја имаа маската „Весели баби“, а кои со истата ќе го претстават градот Штип на „Пробиштипскиот маскенбал“. Музичка точка имаа и второодделенците од ООУ „Ванчо Прќе“, посветена на годишните времиња. Убавиот настан го поддржа и градоначалникот Иван Јорданов, кој посака насмеани лица не само на овој ден, туку и во текот на целата година.

„Прекрасен настан во Општина Штип. Најмладите генерации ни приредија еден преубав амбиент. Ја поттикнавме креативноста кај дечињата во Штип. Мислам дека направија еден одличен амбиент, насмеани лица. Им посакувам во текот на целата година да бидат вака креативни, насмеани и весели“, истакна Јорданов.

Најдобрите маски од Општината добија признанија и ваучери, а на учениците им ги поделија Јорданов и советниците Душко Иванов, Александар Мишев и Дејан Здравков. Задоволство од организираниот настан искажаа и наставниците, и учениците, и службите за образование со ветување дека под маски ќе се видиме и следната година.

Ребека Спасова М-Нет