
Општина Кочани започна со продажба на градежно земјиште по пат на електронско јавно наддавање. На располагање се десет парцели, кои се наоѓаат на повеќе локации во општината, а за кои заинтересираните физички и правни лица може да поднесат пријава за учество на јавното наддавање на интернет страница. Освен за изградба на објекти за индивидуално домување, кај пет од парцелите е дозволено и вметнување простории за комерцијални или други деловни намени.
За учеството се пополнува електронски образец кој се потпишува со валиден дигитален сертификат издаден од овластен издавач за секоја градежна парцела поединечно. Во пријавата е наведено на која парцела се однесува и кои се потребните документи за истата. Сите заинтересирани странки треба да ги достават своите документи најдоцна до осумнаесетти јули.
Како што се вели во јавниот повик, сите пријави кои не се комплетирани со наведените докази нема да учествуваат на електронското јавно наддавање, па подносителите на некомплетните пријави ќе бидат електронски известени. Градежните парцели се од 294 па најмногу до 542 м2, а почетната цена е 61 денар/м2. Инаку, претходно градежни парцели продаваше и Општина Штип на територијата на општината, а јавното наддавање се одржа на 22 јуни.
Ребека Спасова М-Нет