Од петок ќе биде поставен луна парк во Штип

Од петок штипјани ќе може да уживаат во реквизитите од новиот луна парк кој ќе биде поставен во населба Осми ноември. Ова е едно од веќе најавените проекти на градоначаланикот Иван Јорданов дека пешачката патека во Штип ќе биде дополнително до уредена со детски и забавни реквизити. Луна паркот ќе биде поставен 60 дена, а дел од реквизитите веќе се поставуваат.

„Од први јули на дел од патеката како дополнителна содржина ќе биде поставен луна парк кој ќе биде од интерес за најмалите во нашата општина. Морам да напоменам дека истиот пред сѐ ќе биде од забавен карактер и за разлика од претходните години нема да го нарушува јавниот ред и мир на граѓаните од нашата општина и нивното нормално функционирање“ – истакна Санела Петрова.

Музика ќе има, но таа ќе биде во границите на нормалата посочи Петрова. До Општината уредно пристигнале барања и се издадени дозволи за поставување на луна паркот.

“Луѓето коишто ќе го постават луна паркот уредно си доставија барање до Општина Штип и за истото си добија решение, однонсо одобрение со кое ќе може да го постават луна паркот од први јули и ќе може да биде надополнета содржината за нашите најмлади во општината“ – додаде Петрова.

Обид за поставување забавни реквизити имаше и минатата година, но тогаш немаше издадено дозволи со кои луѓето може да ги постават истите во тревата во паркот во населба Осми ноември во Штип.

Лаура Стојанова М-Нет