
Општина Карбинци отвара канцеларии, подрачни единици на Министерството за земјоделие и на Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделството во просториите на општината. Ова како одлука помина на денешната седница на Советот на Општина Карбинци, а целта е институциите да бидат поблиску до самите земјоделци. Со ваквите активности земјоделците, сточарите ќе имаат можност да ги решаваат своите проблеми, да побараат помош и поддршка кога се во прашање проблемите и потешкотиите кои се јавуваат во земјоделството. Градоначалникот Виктор Паунов потенцираше дека ова е едно од ветувањата на Локалната самоуправа, кое ќе биде исполнето.
„На денешната седница на Советот на Општина Карбинци се донесе одлука за отворање на канцеларии, подрачни единици на Министерството за земјоделие и на Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделството. Со оваа мерка ние како општина ја доближуваме позицијата, односно можноста на земјоделците, на сточарите да ги имаат инстиуциите поблиску до себе. Наскоро ќе бидат отворени овие канцеларии и очекувам да биде навистина позитивна мерка.“ – вели Паунов.
Во Општина Карбинци голем дел од населението се занимава со земјоделство, а во подплачковичките села кои се под Општина Карбинци најчесто се одгледува тутун. Жителите на ваков начин егзистираат и отворањето на канцелариите ќе биде од големо значење за нив.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет