Во просториите на општинската зграда во Штип, каде што се наоѓаат членовите на ОИК веќе е пристигнат недоверливиот материјал за гласање, односно параваните и гласачките кутии за претстојните предвремени парламентарни избори.

Исто така пристигнати се и заштитни маски, а се очекуваат и предвидените количини на средства за дезинфекција и заштитни ракавици. Што се однесува до доверливиот материјал, претседателката на ОИК Штип, Сенка Андреевска кажа дека ќе пристигне 96 часа пред самото гласање, а во врска со вкупниот број на гласачи, истакна дека истиот се` уште не е познат.

–Информација за бројот на гласачи ОИК ги добива преку изборниот список, така да со најточни и концизни информации распоредува ДИК – изјави Андреевска.
Заклучно со вчерашниот ден, ОИК во Штип регистрира околу 98 болни и немоќни лица пријавени за гласање во домашни услови, кои заедно со штитениците од Казнено Поправниот Дом ќе гласаат на 14 јули. Што се однесува до лица заболени со КОВИД 19, исто така до вчера, пријавено е само едно лице за гласање во домашни услови, кое ќе гласа на 13 јули.

Според упатството од ДИК во врска со здравствениот кадар, добиена е посебна категорија за здравствени работници. Станува збор за пет лица кои ќе се дел од посебни одбори за гласање од страна на гласачите болни од КОВИД 19 и оние кои се во самоизолација и изолација.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет
Снимател и монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ