Од мај почнува уписот на првачињата родени во 2020 година, секое дете ќе биде запишано во училиштето во својата населба

Од месец мај почнува уписот на првачиња, родителите на децата родени во 2020 година треба навреме да ги запишат своите деца. И овој пат нема да има никакви промени со реонизацијата, што значи дека секое дете ќе посетува училиште во својата населба. Сите основни училишта ќе објават огласи, а информациите ќе бидат јавно достапни. Надлежните апелираат документите да се подготват на време за да се избегнат гужви. Уписите се пред самиот почеток, а интересот се очекува да биде голем.

,,На почетокот на месец мај се распишуваат огласите за упис на ученици во основното образование и сите училишта имаат обврска да распишат оглас, односно конкурс за упис на ученици во прво одделние и да ги објават конкурсите на своите веб страници, исто така и на вратите и огласните табли во училиштата. Очекуваме дека сите родители кои што имаат дечиња кои што се родени 2020 година, веќе ќе ги запишуваат своите деца во основно образование.“, вели Санева

За уписот ќе бидат потребни неколку основни документи, кои родителите треба навреме да ги подготват. Откако ќе се достави целосната документација, децата ќе бидат запишани во училиштето што припаѓа на реонот во кој живеат.

,,Па вообичаено тоа со документи кои што потврдуваат родителство, односно матична книга на родените, лична карта на родител или старател, потврди за примени вакцини, за офталмолошки преглед. Така што од кога ќе ги донесат тие документи, ќе бидат соодветно примени во она училишта, каде што припаѓаат во реонот во кој што живеат.“, додава Санева

Од основните општнски училишта на територија на Штип информираат дека уписот на првачиња за учебната 2026/2027 година ќе се врши во текот на месец мај, во утврдени термини и со комплетна документација. Постапката ја спроведува училишна комисија, а при уписот задолжително е присуство и на родителот и на детето. Од училиштето нагласуваат дека навремената подготовка на документите е клучна за непречен и организиран упис на сите идни првачиња.

Иван Митев, М-Нет