
„Јас сум Ивана Ковачевска Цветковиќ, доаѓам и живеам сега во Лесковац. Родена сум во Албанија, првите чекори во својот живот ги направив во Полска, првите букви ги научив да ги пишувам во Чехословачка.“
Вака Ивана Ковачевска-Цветковиќ го започна своето сведоштво како дете-бегалец, иако самата вели дека не ја сака таа терминологија оти таа и нејзината мајка, вели, не се бегалци, туку мајките ги праќале своите деца, како што вели, во социјалистичка држава за да се спасат. На борбата за македонштината ја научила нејзината баба во Чешка, кога ги собирала Македонците и ги учела на корените. Тоа, вели Ковачевска-Цветковиќ, оттогаш нејзе ѝ влегло во глава.
„Дедо ми имаше осум деца, во осум држави живеевме. И на моето прашањето зошто не ги собрал сите деца заедно, тој ми рече дека треба само да го сочуваме коренот. Ако во некој брод, бидејќи со брод патувавме од Албанија, му се случи нешто, друго ќе преживи. Макар еден да остане, да го спасиме коренот и тој треба да продолжи подоцна“, вели Ковачевска-Цветковиќ.
Оттогаш целта е да се чува традицијата, јазикот, писмото, културата. За таа цел во Лесковац имаат формирано и Здружение, кое постои веќе од 20 години и влегува во третата деценија од своето постоење. Во Лесковац, вели Ковачевска-Цветковиќ, над 200 дечиња го учат македонскиот јазик.
„Во Лесковац оваа учебна година имаме запишано 223 дечиња кои учат македонски јазик со елементи на национална култура. Минатата година имавме 213, значи сега одиме чекор напред, а кога почнавме беа 39 дечиња. Не е лесно да ги собереш децата, да ги убедиш родителите, ама успеавме во тоа“, додава Ковачевска-Цветковиќ.
Ковачевска-Цветковиќ присуствуваше на шестата средба на децата-бегалци, која се одржа во Штип во организација на Здружението „Мирка Гинова“. Трајче Димков, вели дека децата-бегалци, чии инспиративни сведоштва можеа да се слушнат, се верен доказ и причина за обединување и зачувување на националниот и личен идентитет
„Биле некаде, меѓутоа, гледате, се вратиле назад и се вградиле во државноста. Исто таков е еден од основоположниците на македонското борење, тој избегал како дете-бегалец, отишол во Полска, бил сликар, се вратил тука, бил учител, меѓутоа и тој е човекот којшто, всушност, го почнал борењето во Македонија. Во секој случај, овие настани се прекрасни и верувам дека така ќе продолжат и во иднина“, вели Димков.
Настанот е во рамки на одбележувањето 75 години од крајот на Граѓанската војна во Грција, кога во 1948 година ги напуштиле родните огништа.
Ребека Спасова М-Нет