
Со свечен настан денеска во Штип беше одбележан Денот на независноста и 75-годишнината од крајот на граѓанската војна во Грција. По повод денешниот празник, македонските здруженија и Македонците кои живеат во соседните држави побараа поголемо внимание од својата матична држава. Кирил Иванов, вели дека во Меѓународниот суд за човекови права во Стазбур од страна на македонското здружение ОМО „Илинден“ се испратени нови тужби.
„Кога ќе ги разгледуваат, после четири, пет или шест години не знаеме. Тоа е еден никаков процес. Тужбите се дека сакаме да регистрираме наше македонско здружение, како ОМО „Илинден“ и други има. Од Стразбур кажуваат дека ние сме во право и наложуваат на Бугарите да нѐ признаат, Бугарија не нѐ признава и така се вртиме во круг“, вели Иванов.
Посочува дека судот во Стразбур едноставно не може да ѝ наложи на Бугарија да направи регистрација на македонските здруженија и да вршат македонска културна дејност. Иванов вели дека и македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ кој се отвори лани во Благоевград е преместен на друга локација. Тој забележа дека нашата држава воопшто не мисли на Македонците во Бугарија, дури вели дека не се ни потсетува дека има свое малцинство во Бугарија.
„Ма не сме слушнале да кажат дека има Македонци во Пиринска Македонија и во Бугарија. Тоа не сме го слушнале од државниот врв“, вели Иванов.
Архимандритот Никодим Царкањас, смета дека секоја грчка Влада покажува антимакедонизам и затоа, како што вели, треба да сме единствени, а младите да ја учаат вистинската и македонска историја.
„Ние сме Македонци, ние не сме ниту славо-Македонци, ни Бугари, ни Срби оти денеска во Македонија се многу зборува за бугариштината. Тоа е катастрофа и да не заборавме што кажа Крсте Петков Мисирков оти ние сме Македонци, ни Бугари, ни Срби, ни Грци. Тоа да не го заборавиме“, вели Царкањас.
На денешниот настан присутвуваа гости од Грција, Бугарија, Албанија и Србија, како и од цела Македонија, од Скопје, Тетово, Велес, Битола и други градови.
Ребека Спасова М-Нет