
Свечено промовиран и ставен во функција вчеравечер беше и Паркот во населбата Баби. Патеки, урбана опрема, спортски игралишта и фонтана се новите содржини кои се дополнување на веќепостоечкиот парк, а кои беа поставени на неискористениот простор во Паркот. Градоначалникот, Иван Јорданов, најави дена во Паркот во населбата Баби, наскоро ќе се изгради и „пам“-патека за сите велосипедисти, која ќе биде прва таква во нашиот град.
„Го ставаме во функција новоизградениот парк во населба Баби, на којшто во изминативе неколку месеци се работеше. Се додаваа содржини, се поставуваше урбана опрема, нови спортски терени, фонтана којашто е во рамки на новиот дел од паркот во населба Баби, а во наредниот период ќе се работи и на изготување на патека за велосипедисти која ќе биде во рамки на веќеизградениот дел во паркот Баби“, рече Јорданов.
Градоначалникот посочи дека на една ваква голема населба, секако, и е потребна една ваква содржина, а тоа го покажува и фактот што Паркот вчеравечер беше значително посетен од тамошните жители, и тоа од сите генерации.
„Оваа населба, дефинитивно, е една од најголемите населби во општина Штип, којашто заслужуваше една ваква содржина којашто предизборно ја ветивме, еве, во втората година од мандатот на оваа Локална самоуправа веќе го реализираме тоа ветување. Дополнително, „пам“-патеката во рамки на паркот ќе придонесе сите кои користат велосипеди да имаат простор каде ќе ги поминат своите слободни денови. Ова е прва ваква патека во нашата општина. На наше задоволство, гледаме дека паркот е многу посетен од сите генерации“, додаде Јорданов.
Инвестицијата е преку Бирото за рамномерен регионален развој и од Општина Штип во вредност од 4,5 милиони денари. Јорданов посочи дека апелот останува ист за секоја нова содржина, а тоа е дека треба да се зачува она што е новонаправено.
Ребека Спасова М-Нет