
Преку видео презентации и едукативни флаери од денеска започнаа активностите за едукација на најмалите за селекција на отпад на територија на Општина Штип. Настанот започна од детската градинка „Вера Циривири Трена“, а продолжуваат со активности и во детската градинка Астибо. Во текот на месец мај ќе се посетат и основните училишта со цел едукацијата да започне од најмалите, отпадот соодветно да се селектира и да не се создава дополнително, непотребно ѓубре.
„Децата ќе научат како се селектира отпадот, да ги запознаеме од поблиску со садовите за селектирање на отпадот, соработката да се продлабочи и да се зголеми бројот на садови за селектирање отпад. Моментално се врши селекција на стакло во зелена боја, на хартија и тетрапак во сина боја и пластика во жолта боја. Наша цел е да почнеме со селектирање на отпадот и со едукација на најмалите.“ – вели Везенков.
Освен видео презентација децата од детската градинка „Вера Циривири Трена“ имаа можност преку игра да научат како да селектираат отпад. Преставниците од Локалната самоуправа пак можеа да се запознаат со здравите рецепти направени во градиката.

„Знаеме дека сите навики се стекнуваат од најмала возраст, ние како детска градинка чест и гордост ни е што ги воспитуваме и згрижуваме најмалите и придонесуваме навиките за здрава животна средина да ги научат во градинка. Денеска најмалите ќе имаат можност преку видео презентации и преку практична игра да научат како правилно да биде селектиран отпадот“ – додава Ангеличкова.
Резултатите од ваквите проекти треба да се согледаат за три до пет години, кога едукацијата впрочем ќе вроди со плод и отпадот соодветно ќе се селектира.
Лаура Стојанова М-Нет