
Регулаторната комсија за енергетика донела одлука за усогласување на цената по која штипјани ќе ја плаќаат водата во следните три години. Ова ги повторно беше тема за препирки меѓу локалните власт и опозиција. На прес-конференција советничката група на СДСМ посочи дека има покачување, но напоменаа дека Јавното претпријатие не поднело барање за утврдување на тарифата на цената на водата за пиење.
„Оправдувањето од страна на советниците и на известителите на локалните власти е под превезот на тоа дека ова е наложување од страна на Регулаторната комисија, додека сосема спротивно образложение имаме од страна на Регулаторната комисија коешто е дадено во материјалите за Совет на Општина Штип, а тоа е дека Јавното претпријатие „Исар“ не постапило согласно со Законот и Правилникот за утврдување на тарифата на цената на водата за пиење и не поднело барање за утврдување на тарифата на цената на вода за пиење“, вели Стојчевски.
Директорот Зајков потврдува дека тие не поднеле барање за да се покачи цената на водата, туку посочи дека самата Регулаторна комисија има донесено одлука за усогласување, зашто претходната тарифа важела до крајот на 2023 година. Во следните три години Јавното претпријатие ќе има обрска да ја наплаќа водата по оваа тарифа.
„Претходната регулаторна тарифа беше со временски период до декември 2023 година, што значи дека Регулаторната комисија донесе нова тарифа која ќе важи од 2024 до 2026 година. Точно е, во образложението има дека Јавното претпријатие не поднело барање за утврдување на регулаторна рамка. Станува збор за цена на вода која не е покачена, туку е усогласена со стапката на инфлација за висината на плати кои ќе следуваат во периодот и тоа е покачување од 3 денари. Процентуалното зголемување на ХС Злетовица кон Јавното претпријатие е во истиот ранг. Јавното претпријатие не побарало покачување на водата, меѓутоа сега има обврска да наплатува по оваа цена“, вели Зајков.
Ребека Спасова М-Нет