
Македонската клупска одбојка ќе го доживее своето најмасовно претставување на европската сцена во сезоната 2025/26, откако дури пет клуба аплицираа за учество во ЦЕВ европските клупски натпреварувања.
Во машка конкуренција, шампионот Струмица 47&72 и освојувачот на Купот Штип УГД се пријавија за настапи во елитните натпреварувања. Струмица, како актуелен првак, ќе настапи во ЦЕВ Лигата на шампионите, додека Штип УГД ќе игра во Челинџ купот, во кој ќе дебитира на меѓународната сцена.
Кај дамите, трите водечки екипи од минатата сезона – Јанта Волеј КВ, Наковски Волеј и Работнички Скопје – ќе го бранат македонскиот клупски углед во европските купови. Јанта Волеј КВ, како женски шампион, исто така ќе настапи во Лигата на шампионите, додека Наковски Волеј, победникот на Купот, ќе се натпреварува во Челинџ купот, исто како и Штип УГД во машка конкуренција.
Работнички Скопје, кој беше финалист во првенствениот плеј-оф, поднесе апликација до ЦЕВ за добивање на „вајлд-карта“ за настап во третото по ранг европско натпреварување.
Интересен факт е што Штип УГД, Јанта Волеј КВ и Наковски Волеј ќе дебитираат во европските клупски купови, што е доказ за прогресот и амбицијата на македонската одбојка.
Ждрепката за новата сезона ќе се одржи на 15 јули на пладне, во седиштето на ЦЕВ во Луксембург, каде што ќе се дознаат првите европски противници на македонските тимови во Лигата на шампионите, ЦЕВ Купот и Челинџ Купот.
Александар Ванев, М-Нет