Одбележан 5 мај – Денот на македонскиот јазик во Штип, доделени наградите од литературниот конкурс

„Јазикот, народот и татковината се едно цело коешто не може да се раздели“ – беше основниот мотив на денешниот свечен настан по повод 5 мај – Денот на македонскиот јазик. Филолошкиот факултет во Штип и Катедрата за македонски јазик и книжевност при истиот со свечен настан и доделување на наградите за претходно распишаниот литературен конкурс го одбележаат свечениот ден. Од над 170 испратени творби, комисијата имаше тешка задача да ги одбере четирите најдобри. Наградата за најдобрите средношколци е плаќање на партиципација во првата година на студирање на кој било од Факултетите.

„На тој начин ние денес имаме цел и улога да го испочитуваме, односно да го негуваме нашиот мајчин македонски јазик и на достоен начин се обидовме да организираме еден настан. Денес, на 5 мај, по повод Денот на македонскиот јазик, Филолошкиот факултет при УГД Штип организираше награден конкурс за сите средношколци низ државата. Конкурсот се состоеше од пишување есеи на нашиот македонски јазик, но и на другите странски јазици коишто се изучуваат на Филолошкиот факултет. Ние како наставници сме навистина пријатно изненадени од огромниот интерес на средношколците, затоа што бројката оваа година надмина 170 пријавени“, истакна деканката на Филолошкиот факултет, Драгана Кузмановска.

Според професорката и раководителка на Катедрата по македонски јазик и книжевност, Ана Витанова – Рингачева, денешниот ден е голем празник. Освен што говориме за јазикот, нашата задача е да ги поттикнеме учениците да пишуваат, за што доказ е и овој литературен конкурс, додава таа.

„Ние како професори имаме мисија да ги мотивираме уште од основно и средно училиште да почнат да пишуваат за веќе кога ќе дојдат до таа зрела возраст да сакаат да студираат на Филолошкиот факултет, на Катедрата за македонски јазик и книжевност, но да ги изучуваат и странските јазици. Основата за да се изучуваат странските јазици, нормално, е македонскиот јазик. Ова е и еден начин да покажеме дека ние како Катедра и како Факултет се грижиме за нашиот јазик, меѓутоа ние постојано организираме настани во кои го апострофираме творештвото на нашите автори, но даваме простор и на идни млади автори да пишуваат на нашиот македонски јазик. Како велеше Конески: „До каде што сум ја пренел мојата љубов, до таму е мојата татковина““, вели Витанова – Рингачева.

Инаку, Катедрата за македонски јазик и книжевност бележи пораст на бројот на студенти, вели деканката. Освен ваквите конкурси, ослободувањето од партиципација на сите запишани студенти на оваа Катедра е уште една од причините за повеќе студенти. Македонскиот јазик на сите студиски програми на Филолошкиот факултет е ставен како задолжителен предмет, а на другите Факултети е изборен предмет.

Ребека Спасова М-Нет