Дупка за електричен столб или опасност за минувачите? Од ЕВН велат – реагираат по пријава

Ако одите низ ул. „Вардарска“ во непосредна близина на градскиот пазар во Штип, треба да внимавате да не пропаднете во дупка. Со штица, гајба и неколку други предмети тамошните жители се заштитиле од опасноста на која треба да внимаваат секојдневно. Иако не сакаа да зборуваат пред објективот на нашата камера, зад камерата минувачите нѐ прашуваа дали пропаднал некој и велеа дека отворот е две, пет, па и повеќе години така. Близу до отворот има електричен столб кој се наоѓа во дворното место на една од куќите, што било причина и за овој отвор. Со цел електричниот столб да се помести надвор од дворот, била ископана и оваа дупка, но столбот не бил поместен, па останала само дупката. Во однос на надлежноста го прашавме првиот човек на ЈП „Стипион“, в.д. директорот Игор Ефтимов, кој објасни дека јавното претпријатие не може да реагира таму.

„ЈП „Стипион“ нема надлежност во овој случај. Станува збор за електрични столбови кои се во надлежност на ЕВН. Колку што сум информиран, потребно е граѓаните да достават барање таму, по што тие ќе реагираат по налог. Сепак, за повеќе информации обратете се кај нив.“ – истакна Ефтимов.

М-Нет Телевизија одговор за проблемот побара и во контакт центарот на ЕВН, од каде во телефонски разговор одговорија дека граѓаните треба да го пријават проблемот.

„Корисникот кој има таков проблем треба истиот да го пријави, да се јави во нашиот центар со број на корисник, па ние ќе го провериме тоа. За секој таков проблем по пријава прво проверуваме во нашиот систем, па реагираме во однос на пријавата.“ – истакнаа од ЕВН.

Граѓаните велат дека и по неколку години реакција, решение на проблемот нема, среќа е што барем има улично осветлување. Сепак, според надлежните, решение ќе има, но треба да се пријави проблемот.

Ребека Спасова М-Нет