
Општините кратат од парите за реконструкции и градба за да ги платат високите сметки за струја. Прва Општина од истокот која направи ребаланс на буџетот е Општина Кочани. Советниците на последната седница на Советот изгласаа ребаланс и предвидоа дополнителни 13,5 милиони денари. На седницата се донесе и одлуката за ново јавно претпријатие кое ќе се грижи за уличното осветлување.
„Со корекциите во овие програми и со формирањето на претпријатието за јавно осветлување, заштедите ќе бидат наменети за проекти коишто ги бараат советниците. Со цел да се зголеми фондот за инфраструктурни проекти, Советот изгласа средствата од ставката за привремени вработувања да се наменат за изградба на улици и патишта.“ – велат од Општината.
Енергетската криза најмногу ја почувствуваа комуналните претпријатија. Барањето за полесно пребродување на кризата испратено од страна на Здружението АДКОМ сѐ уште чека одговор од Владата. Од Здружението велат – ако се оствари средба, решение ќе се најде, но никој нема слух за проблемите.
„Ако оствариме средба со некои од ресорните Министерства или имаме побарано со вицепремиерот, мислам дека ќе најдеме некое решение, затоа што нашите барања се реално решливи. Ќе ги изнесеме нашите проблеми со коишто се соочуваме во овој момент. Во најголем дел тоа е поставување на фотонапонски електрични централи, меѓутоа додека тоа се случи, бараме Владата да нѐ стави како што се сега граѓаните, односно да добиваме сметки по повластена цена. Да видиме дали тоа ќе биде со некоја кредитна линија со некој одреден грејс период“, вели Иван Иванов, претседател на УО на АДКОМ.
Рестрикции комуналните претпријатија не сакаат да прават. Пред сѐ се надеваат на помош од Владата и ресорното Министерство, бидејќи како што вели Иванов, граѓаните не се виновни и не треба ја почувствуваат кризата на претпријатието.
„Ние не сакаме да правиме рестрикции, граѓаните тоа не го заслужуваат. Решение е можно, ние не бараме нешто невозможно. Не сакаме да правиме некои рестрикции. Иако цената и на горивата и на другите енергенси се покачени, ние сѐ уште немаме некакви рестрикции и во делот на изнесување на смет“, додава Иванов.
Анализа за долговите на општините и претпријатијата сѐ уште нема. Една од највисоките суми ја плаќа штипски „Исар“. За три месеца долгот им е 600.000 евра, што е за околу два и пол пати повеќе од вкупните месечни приходи.
Ребека Спасова М-Нет