
Синоќа се комплетираше претпоследното 17. коло во Првата футсал лига на Македонија.
Осогово на домашен терен забележа огромна победа над Карадаку од 11:3, откако за прволигашот од Крива Паланка хет-трик постигна Ристовски, двојни стрелци беа Коцевски и Димков, а по еден гол постигнаа Станојковски, Ангеловски, Мицевски и Миленковски. За гостинската екипа Емини, Мустафи и Нуредени беа стрелци.
Бутел го измачи Шкупи кој победи со резултат од 5:6. Манџуковски и Тодоровски беа стрелци за домашниот тим, а за гостинот Јахја и Јунузи беа двојни стрелци, а по еден гол постигнаа Зејнели и Сотировски.
Кеги Моби на домашен терен запиша важна победа во борбата за опстанок во Првата лига, откако славеше со 5:3 над Црна Река од Кавадарци. Кирил Ивановски постигна хет-трик, а по еден гол постигнаа Адиловиќ и Трајков, а пак за гостинот од Кавадарци Каровски беше двоен стрелец, а еден гол беше дело на Миле Димов.
Како што претходно објави телевизија М Нет, новиот шампион Форца со убедливи 12:0 го декласираше Овче Поле и го испратив во Втора лига, натпревар кој можевте да го следите во живо на спортскиот канал М Нет Спорт, а во воведниот меч Железарец дома беше декласиран од Клими со 0:4.
Шампионот Форца е на врвот со 48 бодови, Шкупи е втор со 40 бодови, Клими е трет со 29 бодови, Осогово се проби до 4-тото место со 25 бодови, на петтото место е Железарец со 23 бодови.
Бутел е на шестото место со 22 бодови, место подолу е Црна Река со бод помалку. Кеги Моби се проби на осмото место со 17 бодови, во бараж зоната за опстанок е Карадаку со 14 бодови, а пак Овче Поле е на дното со осум бодови и оваа екипа е нов второлигаш.
Александар Ванев, М-Нет