
Овче Поле ги започна подготовките за новата сезона во Трета лига – Исток, со нов тренер и неколку нови, но квалитетни и искусни имиња, со што екипата од Свети Николе во новата сезона дефинитивно влегува со еден цел – атак на првото место кое води кон баражот за Втора лига.
Клубот го промовираше новиот тренер се работи за Јорданчо Треданфилов, кој е досегашен капитен на клубот од Свети Николе, додека пак досегашниот прв тренер Тони Серафимов останува да работи во стручниот штаб во сениорската екипа, а ќе работи и како тренер во младинските категории.
Клубот од Свети Николе промовираше неколку нови и квалитетни засилувања. Тоше Манов доаѓа од второлигашот Осогово од Кочани и го засилува нападот, во средината од теренот Овче Поле се засилува со Стојанче Костадиновски од екипата на Вардарски, потоа со Саше Соколов во одбраната, а кој доаѓа од Карбинци.
Нов голман ќе биде Андреј Арсовски од штипска Брегалница, додека пак во пакет од делчевска Брегалница доаѓаат Дени Андонов и Емил Рунчевски, а ја засилуваат дефанзивната линија на тимот односно првата зона.
Од футсал клубот Овче Поле доаѓаат Ѓорѓи Султанов кој го засилува нападот и Никола Стојковиќ кој ја засилува одбраната.
Новата сезона во Трета лига – Исток треба да започне на 7 септември, истата за разлика од ланската сезона ќе понуди многу голема и неизвесна борба за првото место кое води кон баражот за можен пласман во Втора лига.
Екипата на Овче Поле во сезона 2021/2022 беше шампион во Трета лига – Исток, потоа во јуни 2022 година играше и бараж за влез во Втората лига, но беше декласиран од Арсими, а клубот од Чегране бележи само големи успеси и сега е дел од Првата македонска фудбалска лига како дебитант кој испиша голема клупска историја.
Александар Ванев, М-Нет