
Од утринава земјоделците од овчеполскиот регион почнаа да добиваат вода за наводнување на своите ниви посеани со детелина, бостан, овошни и лозови насади. Од ХЗ Брегалиница минатата недела истакнаа дека од денеска ќе им се излезе во пресрет и ќе се пушти вода, со што од утринава водата најпрвин дошла во светиниколско Ерџелија. Од голема помош за земјоделците бил и вчерашниот дожд кој го зафатил регионот за нивите да не останат жедни за вода. Земјоделецот Никола Стојанов од светиниколското село Прешево вели дека со ова се надеваат дека ќе спасат барем дел од посевите, кои повеќе од десетина дена останаа суви. Инаку, околу 4500 земјоделци изминатите денови немаа вода за наводнување а нивите, па бостанот наместо по пазарите во државата остана да скапува по посевите. Причините за немање на вода во системот за наводнување се руинираните канали и каналетки, немањето соодветен план за наводнување од страна на подружницата на Водостопанство –Свети Николе и кражбите на вода.
Лаура Стојанова М-Нет