
Да се подигне свеста кај мажите за сопственото здравје, со оваа цел месец ноември е прогласен за месец на машкото здравје или уште декларирано како Мовембер. Колку мажите водат грижа за сопственото здравје и колку често посетуваат лекар само заради контрола прашавме на терен во Штип. Анкетираните пред се повозрасни граѓани велат дека грижата за сопственото здравје е најважна без разлика дали станува збор за мажите или жените. Дел од нив посочуваат дека често одат на контрола, но има и такви кои лекар не посетиле со години.
„Во зависност од возраста, во помалдите години поретко и скоро никако. Како што минува времето во зависност од здравствената состојба се темпира и одењето на лекар. Нормално кој нормален човек не води грижа за своето здравје.“ – велат граѓаните на терен.
Во месец ноември се спроведува кампања која е посветена на машкото здравје со цел да се води поголема грижа за болестите кај мажите пред се за ракот на простата. Ракот на простата е најчест тумор кај машката популација. Од друга страна, ракот на тестисите е тумор кој главно ги погодува младите меѓу 20 и 35 години.
Раното откривање на двата вида на рак е од суштинско значење за да може да се започне со соодветниот третман што е можно поскоро и да се зголемат шансите за излекување
Според статистиката мажите живеат околу 5 години помалку од жените.Иако причините за ваквата ситуација во дел се биолошки, сепак начинот на живот игра можеби клучна улога.
Истражувањата и искуствата велат дека многу често машките лица своето здравје го ставаат во ,,втор план“. Токму заради овие причини се советува почеста контрола и грижа за сопственото здравје.
Лаура Стојанова М-Нет