Нов асфалт доби улицата кај црквата „Св. Никола“, кружниот тек ќе се гради следната недела

Улицата позади градската црква „Св. Никола“ денеска добива нов асфалт. Откако во текот на вчерашниот ден се гребеше стариот асфалт, денес се постави нова асфалтна маса. Целокупните градежни активности ги спроведува ЈПДП, а на крстосницата во овој дел од градот Општина Штип следната недела ќе почне со поставување кружен тек.

„Станува збор за инвестиција на ЈПДП. Сакам да се заблагодарам за реконструкцијата на овој потег, којашто е од нивна страна, а ние како Општина Штип веднаш по завршувањето на овој потег ќе пристапиме кон реконструкција, односно кон изведба на кружен тек кај истата оваа делница, односно кај крстосницата до црквата „Св. Никола“. Очекувам веќе во наредната недела да се пристапи кон гребење и отстранување на постоечките триаголници коишто се наоѓаат на оваа крстосницата и изградба на кружниот тек којшто ќе ја зголеми безбедноста во сообраќајот на овој потег од градот. Вкупната инвестиција на Општина Штип е 4.000.000 денари, пари со коишто ќе го завршиме целиот овој потег“, истакна градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Градежните активности на овој потег би траеле околу една до две недели, по што кружниот тек ќе биде ставен во функција на почетокот на месец септември. До тогаш сообраќајот во овој фреквентен дел од градот ќе се одвива по соодветен сообраќаен режим.

„Па имаме сообраќајно решение, сообраќаен проект преку којшто ќе се изврши поставување на кружен тек, согласно со тој сообраќаен проект ќе има измена на сообраќајниот режим и функционирањето за време на градежните активности“, додаде Јорданов.

Инаку, овој потег минатата година околу четири месеца беше најфреквентен и го користеа како штипјани, така и граѓаните од соседните општини. Поради работа на обиколницата Штип – Радовиш, целосно затворена за сообраќај беше делницата помеѓу клучките Штип – Запад и Штип – Југ, па сите возила токму преку оваа улица транзитираа низ град Штип.

Ребека Спасова М-Нет