Нови поскапувања во маркетите и продавниците, граѓаните велат се e скапо

Со отворена уста и без коментар, остануваат граѓаните по новите поскапувања во маркетите и продавниците. Велат дека секое одење во продавница е нов шок за нив. Само во мај храната поскапела за 1 процент, а трошоците на живот се зголемиле за 0,6 проценти. Како што соопшти Државниот завод за статистика, најголем раст на цените во текот на минатиот месец е регистриран кај транспортот, каде поскапувањето достигнало 1,6 проценти. Зголемување е забележано и кај облеката и обувките, рекреацијата и културата, како и кај информациите и комуникациите. Граѓаните велат дека тешко се поминува месецот.

„Во мај 2026 година, во однос на април 2026 година, зголемување на трошоците на животот е забележано во следните групи: Транспорт за 1.6 %, Облека и обувки, Храна и безалкохолни пијалаци за 1.0 %, Рекреација, спорт и култура за 0.9 %, Информации и комуникации за 0.7 %, Ресторани и услуги за сместување за 0.5 %, Здравствена заштита, Домување, вода, електрична енергија, гас и други горива за 0.1%.“, велат од ДЗС

Граѓаните велат дека тешко се поминува месецот, а најголем удар се цените во маркетите, сметките и лековите од аптеките. Пари настрана, додаваат тешко се трга.

Според соопштението на ДЗС Индексот на трошоците на животот во мај 2026 година, во однос на мај 2025 година, бележи зголемување од 4.8 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 5.6 %.

Иван Митев, М-Нет