Новиот изглед на Градскиот плоштад во Штип ќе се промовира утревечер со концерт

Со концертот „Македонијо, во срце те носиме“ утревечер ќе биде промовиран новиот изглед на штипскиот градски плоштад. За градоначалникот, Иван Јорданов, кој ги покани штипјани да бидат дел од овој настан, концертот е вистински начин да покажеме дека сме Македонци, дека имаме македонска култура, зборуваме на македонски јазик и пееме македонски песни.

„Веќе подолг временски период живееме во време на негирање на постоењето на македонскиот јазик, на македонската култура, на македонската традиција. Тоа беше причина поради којашто како Општина одлучивме да организираме еден концерт на познати македонски изведувачи, пејачи, коишто утревечер ќе настапат на Градскиот плоштад „Слобода“ со изведба на познати македонски изворни песни. Имаме обврска да ја продолжиме македонската традиција, македонската култура, на најдобар начин, во вистинско време“, порача Јорданов.

За да можат граѓаните да бидат дел од овој настан, обезбедена е линија во рамки на општинскиот линиски превоз од сите подалечни населени места. Пристигнувањето и поаѓањето во централното градско подрачје ќе биде на автобуската постројка кај Трговскиот центар.

„Оваа прилика ја користам да ги повикам сите наши сограѓани утревечер во 20 часот да дојдат на Плоштадот „Слобода“. Во име на тоа како Општина и како ЈП „Стипион“ ќе организираме јавен градски превоз да има од сите подалечни населби до централното градско подрачје. Поаѓањето е во 19:30 часот, а враќањето од централното градско подрачје 21:45 часот“, додава Јорданов.

Инаку, новиот плоштад е во завршна фаза. Вчера се изврши и тестирањето на фонтаната, а денеска хортикултурно се уредува.

„Има можност јавноста да го погледне новиот изглед на Градскиот плоштад, на чие доуредување и промена се работеше изминатиов период. Веќе работиме на сите потребни детали коишто се предвидени со самиот проект. Многу повеќе зеленило, нова фонтана, така што се надевам дека ќе имаме еден убав амбиент“, додава Јорданов.

Инаку, концертниот караван „Македонијо, во срце те носиме“ ќе започне од Штип, а ќе заврши во Кочани на 1 октомври. Концерти ќе има и во Битола, Велес и Прилеп во текот на месец септември.

Ребека Спасова М-Нет