Водата во Берово нема да биде за пиење еден месец, за жителите ќе се обезбедат цистерни

Водата во Берово од вчера не е за пиење поради реконструктивни работи на Филтер станицата. Прекин на водата нема да има, односно водата од чешма ќе се хлорира и ќе може да се користи за санитарни потреби, перење, како и за лична хигиена. Сепак, истата не смее да се употребува за пиење и готвење, како и за миење садови и овошје и зеленчук.

„Во тек е имплементација на проектот Реконструкција на Филтер станица во Берово, инвестиција на МЖСПП. За реализација на активностите од проектот, односно санација на таложник и замена на механичка опрема на влез на сурова вода во станицата, неопходно е да се направи прекин на третманот на водата. Од тие причини, нема да може да се достави безбедна вода за пиење согласно параметрите од Правилникот за безбедност на водата за пиење (Сл.весник на РМ 183/18), за корисниците од Општина Берово, приклучени на системот за водоснабдување на ЈПКР „Услуга“ Берово.“ – велат од Општина Берово.

Прекинот на третманот на преработка на водата за пиење ќе трае до завршување на градежните работи на Филтер станицата, односно околу три до четири недели. Во овој период ЈПКР „Услуга“ – Берово ќе организира доставување вода за пиење преку соодветни цистерни. Секоја цистерна ќе се задржи по 45 минути на одредената локација, па од Општината замолија за ред и дисциплина, а велат дека потребната количина на вода ќе биде обезбедена за секој жител.

За начинот и локациите за дотур на вода за пиење, преку цистерните, објавени се информации на веб страниците и социјалните мрежи на ЈПКР ,,Услуга” и Општина Берово.

Ребека Спасова М-Нет