Седум паркирани возила на автобуски постројки во Штип добиле блокатори, изречени и опомени

Седум возачи вчера морале да платат за отстранување блокатор од своето возило оти го паркирале на автобуска постројка. Екипите на ЈП „Стипион“ изрекле и неколку опомени за оние кои биле затекнати на постројките. По повеќедневните апели на претпријатието за непаркирање на автобуските постројки, кои возачите не ги почитуваат, претпријатието започна да ги спроведува построгите мерки, односно поставувањето блокатори. Директорот, Панче Стефановски, се надева оти ова ќе придонесе да се справат со овој проблем.

„Во текот на вчерашниот ден имаме поставено и наплатено вкупно седум блокатори. Покрај тоа, на возачите кои во моментот беа затекнати на автобуските постројки и места за застанување им изрековме опомени и им укажавме дека не треба да паркираат на тие места, иако веќе една недела информациите кружат во врска со тоа. Морам да истакнам дека уште имаме проблеми со несовесни возачи, меѓутоа се надевам дека со тек на време ќе се намалуваат овие инциденти“, вели Стефановски.

На автобуските постројки на кои возилата најчесто се паркираат, на пример онаа кај Домот на култура, вчера имаше и полициско возило, односно полициски службеници. Стефановски вели дека соработката со сообраќајната полиција е воспоставена уште од самото воочување на овој проблем и во координација ги расчистуваат автобуските постројки од паркирани возила.

„Уште со почнувањето на општинскиот линиски превоз воспоставивме комуникација и соработка со сообраќајната полиција. Тие ни ветија дека ќе имаат зачестени контроли на критичните места, на постројките на кои се прават најмногу гужви. Сега засега сме задоволни од соработката и мислам дека можеме да функционираме добро на тој начин“, додава Стефановски.

Инаку, проблемот со паркирани возила беше воочен уште пред воспоставувањето на општинскиот линиски превоз, оттогаш и Јавното претпријатие почна да упатува апели. Сепак, на првиот ден од функционирањето на превозот, постројките беа полни со возила.

Ребека Спасова М-Нет