
Пријатни услови, прилагодени на барањата имаат жителите во ЗОО паркот Бриони во Штип. Ниските температури не влијаат лошо врз животните оти како што вели раководителот за дел од нив има затворени живеалишта со греење, а останатите кои се прилагодени на овие дневни температури живеалиштата се прилагодени со дополнително греење односно слама. Снабдени се и со храна, потврди Стефановски што значи дека животните безбедно ќе ја поминат и оваа зима.
„Животните кои не се прилагодени на условите кои ги имаме моментално, имаме затворен дел кајшто имаме греење, значи немаме проблем со тоа. Животните кои се прилагодени на овие услови само им помагаме со тоа што во живеалиштата им ставаме слама дополнително. Појака храна, зголемена исто како и кај луѓето така и кај животните.“ – вели Стефановски.
Во меѓувреме ЗОО паркот Бриони се збогати со уште неколку нови жители, што значи дека условите се пригодни за размножување. Лисицата која беше пронајдена од ловци и донесена во ЗОО паркот доби соодветно живеалиште, откако претходно беше во несоодветен за неа кафез, а во добри услови за живот се и мајмунчињата кои се жители овде.
„Имаме принова, од овци романовки, баш денеска се родија, имаме мала срничка, бербеска овца. Условите им одговараат да се размножуваат, а тоа е многу битна работа. Планира се до просторот каде што е лисицата, да се прошири за уште еден простор од 30 квадрати за да има подобри услови за живеење.“ – додава Стефановски.
Во 2023 година ЗОО паркот Бриони доби нови детски реквизити со што целосно е опремен за посетителите пред се за децата. Планови има и за оваа тековна година, но етапно истите ќе бидат објавени.
Лаура Стојанова М-Нет