Нова книга за Атиџе Муратова од „Медена Земја“ на м-р Никола Ристевски

Од минатата сабота, 10 октомври 2020, во Овчеполието започна уште еден значаен проект со цел претставување и прикажување на културното наследство на овој голем и плодороден регион. Општина Лозово и Продукцијата „Аристон“ од Свети Николе започнаа со подготвување на книга за животот на Овчеполската ѕвезда Атиџе Муратова. Првиот ден започна со средба на градоначалникот на Општина Лозово, Ацо Велковски и Атиџе Муратова со Дуле Јанев и Никола Ристевски од Продукција „Аристон“. Заедно ги посетија Црквата „Света Петка“ во Лозово, турбето „Јусуф Деде“, стариот параклис и џамијата во Лозово, а до крајот на денот Атиџе имаше прилика да доживее туристичка прошетка и во соседната Општина Свети Николе. Книгата за животот на Атиџе Муратова ја пишува и уредува м-р Никола Ристевски, извршен директор во продукција „Аристон“ и научен соработник при Институтот за култура и уметност на Меѓународниот Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“. Фото – репортажата при работата е во рацете на директорот на фотографија во Продукција „Аристон“, Дуле Јанев. Општина Лозово е покровител на проектот, а по печатењето на книгата средствата од продажбите на истата ќе бидат собирани во посебен фонд на Атиџе Муратова.

Ексклузивно преку нашата телевизија, М-нет ви пренесуваме извадок од еден текст на Ристевски кој е посветен на Атиџе Муратова:

Овчеполската котлина до пред околу половина век во голем дел имала пустинска клима, која била променета со пошумувањата во втората половина на минатиот век. Пределот околу реката Брегалница, која во овој регион почнува да се спушта кон југ за да се влие во Вардар е слабо населен во последните векови. Тоа не било така во далечното минато, за што сведочат големиот број на антички локалитети и наоди. Се претпоставува и дека некаде помеѓу кривините на Брегалница и ридот Богословец во антиката постоело огромно пристаниште. Ретките видови на животни и растенија кои живеат во овој дел од Македонија, заедно со специфичната клима и посебните геолошки карактеристики. Солената земја во Овчеполието е причината за здравјето на јагнињата и овците од ова поднебје, а нашиот народ уште одамна знаел дека „каде има овци, таму има и пчели“. Кога турците дошле во Македонија, на овој регион му дале име „Бериќетли нахија“, што го потврдува плодородието на големата Овчеполска котлина….

Едно големо природно богатство од овие краишта – дивиот мед од автохтоните Македонски пчели, годинава стана познато за целиот свет преку „Медена земја“ – филмот за жената од селото Бекирлија која го собира медот од дивите пчели оставајќи пола за нив, а половина земајќи за себе, прекрасната Атиџе Муратова.

А за оскарите – наградата на Атиџе е силата која ѝ ја дала природата, таа е веќе наградена, а македонската јавност си доби награда преку нејзиниот лик – се потсетија дека сè уште постојат луѓе кои не ги фатила мајата на „модерното време“. Сега новото време доби нов учесник – архаичен и архетипски…

Жената чија што животна приказна беше прикажана во филмот „Медена земја“, почитуваната веќе од целиот свет Атиџе Муратова исто така е ендемски вид. Ендемски вид на човек, кој во 21 век живее без удобствата на „модерниот свет“, правејќи го истото што го правеле нејзините предци.

Дедо Дане – чуварот на Ѓуришкиот манастир и м-р Ристевски. Скоро целиот материјал е снимен, а од продукција „Аристон“ ни изјавија дека наскоро ги завршуваат снимањата со Ристевски според објавеното во неговите книги, по што документарниот филм ќе биде пуштен во процес на пост-продукција.