
Целосна реконструкција на градскиот пазар е денешното ветување на кандидатот за градоначалник од СДСМ, Сашко Николов. Истовремено во проектот е вклучена изградба на паркинг простор надземен и подземен, со кој ќе се реши проблемот со паркинг услугата за време на пазарниот ден во Штип, додаде Николов.
„Ќе продолжиме во следниот мандат со целосна реконструкција на градскиот пазар. 30 години од изградбата градскиот пазар веќе станува тесно грло како за штипјани, така и за земјоделците кои секој петок ги нудат овде своите производи. Недостатокот од паркинг простор сериозно го загрозува движењето на нашите сограѓани по улиците за веме на пазарниот ден и предизвикува блокирање на сообраќајот во овој дел од градот. Со овој проект се предвидува комплетна реконструкција на градскиот пазар, негово покривање и и зградба на паркинг простор, надземен и подземен што ќе ги задоволи потребите на сите наши сограѓани“ – истакна Николов.
Николов во оваа прилика исто така посочи дека штипската јавност е свесна за промените за подобро кои се случија во Штип.
Кога се сака се може, вели Николов, додавајќи дека покажани се резултатите кои им се испорачани на граѓаните. Поткрепувајќи се на направеното и на она што ќе се прави Николов ја побара довербата на граѓаните.
Лаура Стојанова М-Нет