
Баскетот во име на кошарката за прв пат потскокна во Штип во 1932г. за да на 27 август 1933 г. се одигра и првата кошаркарска утакмица во Македонија. Името на Трајко Кошевалиски традиционално секоја година во тој термин се споменува како човекот кој е најзаслужен за доаѓање на тогаш новиот спорт во Штип.

Сеќавајќи се на овој убав спортски настан а со цел давање на публицитет и историски спортски акцент, кошаркарските ветерани на Штип се одважија за формирање на нов клуб под името „Соколи 1933“. Реализацијата на формирањето на клубот е потпомогната и со несебична помош на Локалната самоуправа на Штип и со челните луѓе на Кошаркарската федерација на Македонија.

КК „Соколи 1933“ веќе од утре сабота ќе започне со првенствените натпревари во рамките на Втората лига на Македонија а за противник ќе ја има екипата на Кам Баскет од Македонска Каменица. Натпреварот ќе се одигра во спортската сала Јордан Мијалков со почеток во 18.00 часот.




Според информацијата од Претседателот на клубот Томче Томев, тренер на екипата е Александар Давитков, секретар е Љубе Здравков како и директорски колегиум составен од Петар Крстев, Гоце Цурев и Костадин Шеќеринов. Подготвителниот период со по два тренинга дневно се одвиваше во салата на СОУ „Коле Нехтенин“ а сега се тренира по еднаш дневно во салата „Јордан Мијалков“. Инаку екипата е составена од млади, талентирани и надежни кошаркари кои се желни за афирмација, воедно и за враќање на кошарката во Штип на старите славни патеки кога беше вистински дрматор во македонската кошарка.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk