
Дел од пензионерите и понатаму ќе останат на улица за линеарно покачување и повисоки пензии, истакнаа вчера. Највозрасната категорија граѓани и понатаму незадоволни од сегашната ситуација се борат за подобри услови. Властите велеа дека пензиите се зголемиле во изминатиов период, но во момент на техничка Влада и претстојни избор на големо се најавуваат зголемувања на пензиите за пензионерите. Дали се дел од овој список прашуваат и стечајците? Во контекст на ова, министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, кој денеска беше во Штип, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека целта на техничката Влада е да обезбедат фер и демократски избори, а покачувањата ќе ги планираат во изборната програма.
„Ние како Министерство сме тука за во овие останати 90 дена да спроведеме фер и демократски избори и да нема злоупотреба на самото Министерство, на корисниците, коишто знаете дека се категорија на граѓани коишто се најсензитивни, туку се пензионерите, децата, родители, социјални случаи. Да, во програмата којашто ќе ја ознани и нашата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат опфатени и пензионерите, ќе има и дел за стечајците каде што ќе дадеме придонес за да тие се чувствуваат добро и задоволени во ова наше општество“, вели министерот Велковски.
Дополнителната заменичка во Министерството за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, пак, вели дека во овој контекст од полза е методологијата за усогласување на пензиите, која е трајно решение во корист на пензионерите и кое денес и во иднина нема да зависи од нечија политичка волја. Според неа, пензионерите ги чувствуваат резултатите зашто двапати во годината се врши усогласување на пензиите согласно со растот на трошоците за живот, односно инфлацијата и растот на просечната плата. Во март повторно се очекува зголемување на пензиите, но колкаво тоа ќе биде ќе треба да покажат податоците од Државниот завод за статистика.
Ребека Спасова М-Нет