
И овој пазарен ден во Штип очигледна беше гужвата во сообраќајот. Паркирани возила на коловозот, по тротоарите, каде пешаците се оневозможени да се движат. Нервозни граѓани и нервозни возачи, ако се одлучите да одите на пазар, ќе мора многу да внимавате. И покрај апелите возачите да не ги паркираат своите возила непрописно, особено не на автобуските постојки, како што е и онаа кај Градскиот пазар, сепак нема резултат. Но полн е и паркингот пред Градскиот пазар, што значи дека речиси и да не може да се најде слободно место за паркирање. Токму тоа го констатира и штипскиот градоначалник. Јорданов вели оти со новиот проект за реконструкција на пазарот ќе се прошири и паркинг просторот, што ќе овозможи нови паркинг места за сите купувачи и продавачи.
„Се предвидува во наредните месеци да се прошири паркинг просторот за сите купувачи и за сите пазарџии коишто ќе го користат Градскиот пазар, да се уреди и сервисната улица наоколу и со тоа да се добие еден комплетно нов изгледа на градскиот пазар“, вели Јорданов.
Во петок кај Градскиот пазар често можат да се забележат и униформирани полициски службеници кои се обидуваат да воспостават некаков ред. Сепак, за целосно решение потребна е поголема свест кај граѓаните, а и системско решение со поголем број паркинг места, како што и најави Јорданов. За уредување на околниот дел од пазарот, дополнителните паркинг места и сервисната улица ќе се потрошат околу 3 милиони денари.
Ребека Спасова М-Нет