
Започнаа градежните активности за реконструкција на штипскиот градски пазар, со што градот ќе добие модерен, полузатворен простор, соодветен и за купувачите и за продавачите. Површината којашто ќе биде полузатворена со челична конструкција е 1200 м2, простор кој ќе биде поплочен, бетониран и според сите стандарди за ваков тип пазар. Инвестицијата е на Општина Штип, а градоначалникот Јорданов вели дека оваа потреба се посочувала со години наназад.
„Со години наназад граѓаните коишто го користат овој простор и за продавање на производи, но и за купување, ни укажуваат дека е потребно да дојде до изградба на еден ваков објект. Очекувам, еве, напролет, со оглед на тоа што освен градежните активности за бетонирање на платото, поставување на стопи итн., ќе следат активности и за поставување на конструкција, да завршат сите овие активности. И потрошувачите, но и продавачите да имаат многу посовремени услови коишто ќе бидат на задоволство на сите“, истакна Јорданов.
Јорданов во претходна прилика посочи дека ова ќе придонесе и во однос на проблемот со дивите пазарџии. Тој рече оти за да се насочат купувачите и пазарџиите на оваа локација, треба да се овозможат соодветни услови во текот на годината, па да се оневозможи нелојалната конкуренција.
„Ќе напоменам исто така дека и тезгите коишто ќе бидат поставени, ќе бидат нови, модерни тезги коишто ќе доликуваат на новиот полузатворен пазар“, додава Јорданов.
За овој проект Општината има обезбедено околу 10 милиони денари и уште дополнителни три за уредување околу пазарот. Инаку, додека трае реконструкцијата на платото од штипскиот пазар, сите тезги на пазарниот ден се сместени во долниот дел од пазарот.
Ребека Спасова М-Нет