Штипјанецот Александар Трајковски и годинава донираше пакети за празниците на шест штипски

16. година по ред штипјанецот Александар Трајковски донираше пакети за Бадник и Божиќ за шест семејства од социјално ранливи групи. Во чест на неговата почината сопруга секоја година во соработка со Црвен крст Штип подготвуваат пакети со посна и мрсна храна доволна за празнична трпеза и за Бадник и за Божиќ. Вели чувството е прекрасно кога може да се помогне и да се биде хуман.

„Содржат се што е потребно за Бадник и Божиќ, и посно и мрсно. За мене чувството е добро затоа што знам дека шест фамилии ќе седнат и ќе вечераат, ќе има што да апнат. Јас донирам 100 евра годишно од Божиќ до Божиќ соберам толку.“ – вели Трајковски.

Иако, оваа година инфлацијата директно влијаеше и врз самата набавка на намирници сепак како што вели Трајковски доволно е купено за бадниковата вечера и божиќниот ручек. Додаваа дека граѓаните треба да бидат похумани за да може сите за празниците да имаат достоинствена трпеза.

„Оваа година да, многу работи останаа не купени затоа што инфлацијата си го направи своето. Ама пак има за Бадник и Божиќ.“ – додава Трајковски.

Нема да е празна трпезата, семејствата кои добија донација од Трајковски велат чинот е за поздравување. Пакетите се доволни за нивните семејства достоинствено да ги дочекаат празниците. Се донира и на македонски и на ромски семејства.

„Оваа донација за нас многу нешто значи, нема да седнеме на празна трпеза, како што е инфлација, скапотија, не можеме да си дозволеме да си купеме за една посна трпеза за Бадник.“ – вели Иванова.

82 годишниот Трајковски посочи дека тенденција е ваквата донација да ја продолжи и во наредните години додека го служи здравјето.

Лаура Стојанова М-Нет