
Некогаш детски џагор, развиено земјоделство и сточарство, достапна амбуланта, ресторан и продавница, денеска празни куќи и штали – ваква е сликата во село Кучичино. Жителите кои повеќе од осум децении живеат овде велат селото било доста живо и напредно, но денеска ситуацијата е сосем поинаква. Просториите на некогашната амбуланта се оставени на забот на времето, таа постојано се руши, а лекар немаат повеќе од 20 години. Најблиску за да отидат на болница е во Кочани.
„Селото напредно беше, 1972 година имавме вода, само селото ја направи. Имавме и амбуланта, имавме доктор, сега го нема.Сигурно 20 години “ – вели Стојанов.
Во речиси секоја куќа пред многу години имало овци, крави, денеска жителите немаат од каде да купат млеко. Бројот на млади постојано се намалува, зошто сите бараат подобри услуви за живот во градовите или надвор од границите на државата. Во подрачното училиште оваа учебна година имало запишано само едно прваче.
„Селата се пустат, имаше 10 илјади овци, крави, сега немаме од каде да си купеме млеко. Во моментот во селото има десетина крави и 20 до 30 овци. Во училиштето оваа година имаше само едно дете во прво одделение. Сто куќи има иселено “ – додава Стојанов.
Селото Кучичино се наоѓа во кочанското поле на јужниот дел од Општина Чешиново Облешево, од левата страна на река Брегалница, а чиј атар се допира со Општина Карбинци. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 320 метри. Според последниот попис во 2021 година во ова село има 319 жители, или 227 помалку од пописот во 2002 година.
Лаура Стојанова М-Нет