Нема недостатоци во лекувањето на деветгодишното дете од светиниколско кое почина на детската клиника во Скопје

Нема недостатоци во лекувањето на деветгодишното дете од светиниколско Пеширово кое почина на Клиниката за детски болести во Скопје. По направениот вонреден инспекциски надзор кај матичниот лекар, во штипската Клиничка болница и во Клиниката за детски болести во Скопје, од ДСЗИ истакнаа дека недостатоци не се констатирани.

Според инспекцискиот надзор нема констатирано недостатоци во неговото лекување. Инспекторите по надзорот утврдиле дека деветгодишното дете Н.А. со матичен доктор било прикрепено во ПЗУ Д-р Оливер, Свети Николе. Во ординацијата годинава прв пат се јавува на 14.01.2025 година заради болки во стомакот и повраќање, кашлање, висока температура (39Ц) и неспиење претдходниот ден. -При преглед детето било поспано, афебрилно, без убедливи знаци за дехидратација. Направени му се лабораториски испитувања по што дадена му е инфузиона терапија во тек на која кај детето настапува сомнолентност со слаба реакција на говор заради што е упатено во ЈЗУ Клиничка болница Штип, се вели во соопштението од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Според извешатјот на ДСЗИ во штипската Клиничка болница детето е донесено со такси возило, примено е попладнето околу 18 часот, прегледано е од дежурниот доктор при што е поставена дијагноза сомноленција. Во Клиничка болница- Штип, повторно му се извршени лабораториски испитувања и дополнително КТМ на глава. Заради општата лоша здравствена состојба како и наодите од лабораториските испитувања и КТМ, детето во придружба на медицинска екипа (доктор, сестра) со болничко возило транспортирано е во Клиниката за детски болести во Скопје. – Во ЈЗУ Универзитетска Клиника за детски болести-Скопје , детето Н.А. е донесено на 14.01.2025 година во 20:25 часот како итен случај со дијагноза сомноленција по претходна најава и договор за прием со дежурен доктор од Одделот за неврологија на Клиниката. На прием детето е во општа тешка состојба поради што веднаш е започната со рехидратација и корекции на биохемиски параметри. Во 22:25 часа има дополнително влошување со респираторен и кардиак аррест, започната е реанимација во тек на која е симнато на ОИНТ за понатамошен третман. Состојбата на детето и понатаму се влошува и покрај сите пропратни интервенции, реанимацијата не е прифатена и во 23.30 часот настапува егзитус, се вели во извешатјот на ДСЗИ.

Лаура Стојанова М-Нет