Неизмерна детска радост на првачињата за првиот училишен ден во Штип

Започна новата учебна 2021/22 година со физичко присуство. Најсреќни денеска на првиот училишен ден беа првачињата коиза прв пат ќе седнат во училишните клупи.

 Со соодветна програма и почитување на мерките и протоколите за заштита од Ковид – 19 основното училиште „Ванчо Прке“ во Штип ги пречека првачињата.

„Со задволство можам да кажам дека се радуваме сите, како децата, така и ние вработените во училиштете на новиот почеток. Ова го чекавме долго време. Се надеваме дека како што почнавме денес, така и ќе ја завршиме оваа учебна година, со полн капацитет. Во нашето училиште се запишани вкупно 145 ученика во прво одделение, од кои 135 се во централната зграда, а девет ученика се во подрачните училишта во с. Селце и во с. Лакавица и еден ученик е запишан во посебните паралелки“, рече директорот, Методи Папаров.

Топло добредојде на сите ученици им посака и првиот човек на градот под Исарот, доктор Сашко Николов, кои на првачињата им подели маички а, како што рече, обезбедени се и таблети за секое дете.

„Денес сме тука заедно пред храмот на знаењето, свечено да го одбележиме почетокот на новата учебна година. Образованието како најмоќна алатка во животот ни овозможува да го најдеме значењето на сè околу нас. Ни помага да ни се подобрат животите и ни нуди можност мудро да го искористиме тоа знаење. Независно од полот и верата, образованието им овозможува на луѓето да се истакнат во различни сфери, да бидат победени сите бариери. Со средства од ребалансот на буџетот на локалната самоуправа, обезбедивме 113 таблети за учениците до четврто одделение. Дополнително од МОН се обезбедија уште 16 со што сите наши дечиња ќе можат да ја следат наставата којашто ќе биде во електронска форма“, рече Николов.

„Не постои подобра опција за учениците од наставата со физичко присуство“, истакна Николов, додавајќи дека ова е втора година за возрасните во која наставниот процес преставува предизвик. Многу успех, научени лекции и многу петки во дневниците им посака Николов на првиот училишен ден на сите ученици.

Лаура Стојанова МНет