Неизвесна грејна сезона за штипските пензионери на кои Здружението им ги врати парите

По кочанските, и штипските пензионери се соочуваат со проблем за огревно дрво. Околу 500 од нив почнувајќи од месец март плаќале рати за дрва преку Здружението на пензионери, но сега ги добиваат парите назад. Проблемот овојпат е цената, бидејќи добавувачите рекле дека дрвата не може да ги испорачаат по цена за која претходно се договориле. Здружението на пензионери одлучило да им ги врати парите на членовите, бидејќи ова е трета корекција на цената, а не се знае која би била новата.

„Ние немавме друго решение освен да ги извадиме парите од банка и да им ги вратиме на нашите членови кои имаа уплатено за огревно дрво. Но не значи дека целосно се откажуваме од поддршката. Само се менува начинот. Се договоривме добавувачите да контактираат директно со секој пензионер поединечно и ако се согласат тие на нова цена или количина, тогаш тие ќе добијат дрва под новите услови“ – вели претседателот на Здружение на пензионери, Ристе Нетков.

На терен повеќето од анкетираните пензионери истакнаа дека се греат на струја или пелети, но оние кои се запознати со проблемот се револтирани и потенцираат на тоа дека и покрај неколкупати променетата цена, на крај изгледа ќе останат и без дрва.

Добавувачите претходно ја откажаа испораката на дрва и на 750 пензионери од Здружението во Кочани. Од таму велеа дека проблемите се административни и технички, односно проблем беше количината, поради намалената сеча и обновување на шумата заради минатогодишните пожари. Според „Национални шуми“ енергетската криза двојно ја зголеми побарувачката на дрво, а од Владата најавија зголемен инспекциски надзор заради сомнеж на вештачко креирање недостиг. Поради ова пред неколку дена беше донесена и одлука за ограничување на извозот на огревните дрва, кое ќе важи до крајот на годинава.

Ребека Спасова М-Нет