
Градот на липите, водата и историите. Место на културата, на соживотот и добрината. Овде сложно си живееме и каде сакате преспијте никој не ве вознемирува, велат граѓаните на Штип. Зошто го сакаат Штип и што нему му недостасува, беше денешната тема на која поразговаравме со нив и додаваат дека за нив Штип е најубав град во Македонија
“Штип е добро градче, мало градче е и затоа. Во своја земја, исто како дома да сум и прво човек треба да има респект, да има култура, тоа е најважно“
“Зошто ли го сакам. Па вака јас сум роден во Штип и тој ми е роден град, тука сум пораснал и живеам, творам, работам, плаќам даноци за Штип“
“Градот е убав, условите се добри, а градоначалникот добро прави се што може. Мирен народ и не прават проблеми никако, секој си ја тера работата и се сложни да, а не како во други градови вика и кршат и прават проблеми. Дека сакате преспијте, ама во Штип никој не ве задева. Најубав град во цела Македонија е Штип“
Недостатоци има насекаде низ светот, додаваат граѓаните и за М-нет тв и велат дека овде нема доволно фабрики за да одат сите на работа
“Па на Штип, недостасува фонтани, а другото е се во ред. Клупите се средени и тоа.
“Пари фалат, работа нема за сите, треба да има работа и фабрики доволно, младите пораснуваат, а градот треба да има доволно фабрики за да одиме сите на работа. Кој сака да излезе од своја куќа и надвор во други држави, кога имаме тука држава, да одиме на пример азиланти во Германија. Тутунарите треба да се платат добро и се да биде исправно“
“Е не ми се допаѓа само една работа, што нема визија за Штип. Визија, ама знаете ли каква да ја даде некој што овде опстојува уште од бебе. Штип е град на водата, град на липите и затоа тој треба да биде визионеркси град на водата или просто речено да имаме убава вода за пиење, а таа да биде квалитетна за луѓето и крај краеви еден капитален објект да се направеше до сега“
Инаку, градот под Исарот е најголемиот во истокот и е седми по големина во Македонија. Располага со околу 42.000 жители во општината и е еден од старите во државата. Некогаш овде имало развиено занаетчиство од кое се издвојува: којунџиството, бочварството, чевларството и шарлаганџиство, ама сега тоа е минато. Штип е познат по своите знаменитости и најглавно со текстилството. Штип е еден од изворите, каде се раѓаат уметници и творци.
Лаура Стојанова, М-Нет