
„Врие“ од комарци – особено во вечерните часови и кога нема ветер, граѓаните во Општина Кочани велат дека комарците се проблем кој треба да биде решен. Не можат да прошетаат, да седат на тераса, бидејќи комарците се присутни секаде. На терен кочанчани велат чекаат да дува ветер за да можат да излезат од домовите и да ги избегнат комарците.
„Нема, вчера сабајле прскаа, сабајле полно комарци. Кога си на тераса над втори спрат нема, ама долу, или кога се шеташ по тротоарот комаци – врие.
Иако се прска, според граѓаните тоа не дава никакви резултати. Се прска рано наутро, навечер повторно има комарци. Според кочанчани треба да се прска со подобар препарат за да се почувствува ефект.
„Од прскањето можеби малку има резултат, мирис не се осети никаков мирис од авионот што прскаше. Порано кога се прскаше имаше поефикасни средства сега нема ништо.“ – додаваат граѓаните.
Во Кочани се спроведе едно авионско прскање против комарци. Предвидени се и неколку прскања од земја согласно програмата за заштита на населението од заразни болести. И оваа година општините самостојно се „борат“ против комарците, иако беше разгледувана можноста заеднички да се одвојат средства за решавање на овој проблем.
Лаура Стојанова, М-Нет