Арсов: Таксистите дополнитено ќе кружат низ градот оти „едносмерната“ ќе биде шеталиште, ова финансиски ќе ги чини и граѓаните

Познатата „едносмерна„ улица во Штип ќе биде шеталиште, што значи за таксистите дополнително губење време низ градот. Претседателот на здружението на таксисти, Такси 2003, Глигор Арсов вели дека патниците ќе мора да ги користат такси постојките. За појдовна и завршна точка мора да се тргне од обележана такси постојка.

„За таксистите малку повеќе можеби време губење и заобиколување. Од друга страна ние веќе почнавме и да ги учиме патниците веќе да ги користат постојките наши. Не може да се оди до одреден дуќан, сакам до златарата или слично. Мора да ги користат и за почетна и за крајна точка постојките.“ – вели Арсов.

Ова придонесува и за поголема цена на такси услугата. Кружењето од кај зграда „Промаја“ на пример или градската црква ќе значи од 10 до 30 денари плус за одредена дестинација.

„За жал ќе ги кошта и нив ова, секое заобиколување од кај „Промајата“ или од кај градската црква ќе ги чини 10, 20, или 30 денари од дестинација„ – вели Арсов.

А цената на такси услугата стои непроменета подолг временски период. Арсов потенцира дека чекаат разговори со новата Влада за да се најде решение и да може да се дефинира цената на такси услугата.

„Цената секогаш ќе биде мала за нас, а за тие кои плаќаат голема. Чекаме да се стави нормала со новата Влада“ – додава Арсов.

Улицата „Ванчо Прќе“ треба овој месец да биде пробно затворена за сообраќај пред целосно да биде пренаменета за шеталиште.

Лаура Стојанова, М-Нет