„Компаниите се гушат, работници се отпуштаат, државата должи близу 200 милиони евра за поврат на ДДВ“, вели Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека компаниите во земјава се соочуваат со сериозни проблеми поради неплатениот поврат на ДДВ, при што државата должи близу 200 милиони евра, а дел од компаниите се принудени да затвораат и да отпуштаат работници.

„Мицкоски нема ниту еден резултат. Нема никакви резултати во економијата, во образованието, во земјоделството, во социјалата. Едноставно, сè во државата е застанато. Луѓето немаат пари. Огромни се долговите кон компаниите. Близу 200 милиони евра се должи за поврат на ДДВ, нешто што е проблем и поради што многу компании веќе ги затвораат своите бизниси, бидејќи се соочуваат со ризик во однос на ликвидноста и ги отпуштаат работниците.“, рече Филипче.

Филипче потенцираше дека економската состојба дополнително се влошува поради падот на странските инвестиции и индустриското производство.

„Гледаме каков е падот на странските инвестиции, има пад на индустриското производство. Еден тотален непрофесионален начин на водење на државата, комплетна незаинтересираност за што било добро за државата и за граѓаните. Оваа власт не прави ништо, дека нема добри политики за граѓаните, дека само нè презадолжи 2,5 милијарди евра повеќе за само две години, значајно го зголеми јавниот долг. Никакви проекти во интерес на граѓаните, само проекти за нивен личен интерес.“, потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Текстот „Компаниите се гушат, работници се отпуштаат, државата должи близу 200 милиони евра за поврат на ДДВ“, вели Филипче е превземен од МАКФАКС.