Мост на Козјачка река во Карбинци ќе има до крајот на септември, изградбата во завршна фаза

Во завршна фаза повеќепати одложуваната изградба на мост на Козјачка река во општина Карбинци. Градоначалникот Насев информираше дека она што тековно се работи ќе биде завршено за неколку дена, па мостот ќе биде изграден во предвидениот рок.

„Денес од страна на Општина Карбинци и изведувачот се врши увид во динамиката и работата на изградбата на мостот. Значи, во моментов сме на почеток на една сложена операција каде што овие хоризонтални бетонски греди или носачи треба да бидат ставени на веќе постоечката конструкција од бетон и челик. Оваа операција ќе потрае два до три дена, а после тоа очекуваме да се стави плоча на овој дел и да се асфалтира коловозот на самиот мост“, истакна Насев.

Насев дополни дека ваквиот мост е од особено значење за граѓаните на општината, зашто ги поврзува со важни објекти за нивното секојдневно дејствување. А се очекува бенефитите да се видат по месец септември, кога би требало мостот да биде комплетно изграден.

„Еве, во изминатиот период неколкупати дека овој е еден од најголемите капитални објекти, од насушна потреба на жителите на самото населено место Карбинци. Значи, преку овој мост жителите на Карбинци се поврзуваат со административниот дел. Тоа е Општина Карбинци, училиште, аптека, амбуланта и спој со регионалниот пат којшто води кон Штип“, додаде Градоначалникот.

Вредноста на овој проект е 23 милиони денари, а средствата се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка и развој на земјоделието, со учество и кофинансирање од Општината со 18% ДДВ.

Ребека Спасова МНет