Моливче 10 денари, тетрактка 15 денари, книжарниците во Штип ги намалија цените на училишниот прибор

Книжарниците во Штип ги намалија цените на училишниот прибор за 15% согласно одлуката на Влада. Со ова цените се исти како на 1 јуни, а целта е да им се излезе во пресрет на родителите за да можат да ги подготват своите ученици за во училиште.

Дополнително по намалени цени е и се останато, па како што велат од книжарниците има за сечиј вкус и за сечиј џеб.

„Тетратки има од 15 денари па нагоре, најевтиното моливче е 10 денари и ова се цени што со години наназад не се променети. Има и поскапи, но согласно можностите на родителите се купва и училишниот прибор. Со достапни цени се и дрвените боички, ранчиња има од 400 денари па нагоре. Ако сумираме, еден ученик може целосно да се подготви за училиште со вкупно 2000 денари“ – велат од штипските книжарници.

Мерката за намалување на цените на училишниот прибор Владата ја донесе и стапи на сила на 15 август. Истата ќе трае до 15 септември. Цените се земени од 1 јуни, во трговијата на големо намалувањето е за 10%, а во трговијата на мало за 15%. Според Влада споредбено со претходната година, годинава заштедата по ученик е од 750 до 2000 денари.

Се најавија и ригорозни казни од кои ќе се движат од 800 до 10 илјади евра за неспроведување на ваквата одлука.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет