Модерни ученички униформи ќе добијат следната недела учениците од прво до петто одделение

Вкупно 2200 ученици од прво до петто одделение во штипските училишта следната недела ќе добијат униформи. За секој ученик Општината обезбеди комплет бесплатна униформа, а големините на униформите се нарачани според добиените информации од секој родител, кои се прибираа во текот на изминатите месеци. Станува збор за висококвалитетна опрема, која е лесна за одржување од страна на родителите.

„Општина Штип е во финална фаза на реализација на проектот за обезбедување униформи за 2200 ученици од општинските основни училишта на територијата на нашата општина. Овој проект е целосно финансиран од Буџетот на Општина Штип и истиот во текот на наредната недела очекуваме да има финална реализација, односно учениците да ги добијат униформите, што значи да се очекуваат во периодот од 29 јануари до 2 февруари. Униформите се изработени од висококвалитетни бои и материјали и нивниот дизајн е направен од страна на професор од Технолошко-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип“, вели Шорова-Ангелова.

Целта на овој проект е да се намали сегрегацијата на учениците во образованието и да се обезбеди еднаков пристап кон сите ученици во образовниот процес. Дополнително, вели Шорова-Ангелова, униформи ќе се обезбедат и за учениците од погорните одделенија од основното образование, нешто што веќе се разгледува како опција.

„Униформите се комплети коишто содржат маичка на кратки ракави и трансформирачки дуксер којшто е соодветен да се носи во текот на три годишни времиња. Во моментот толку беа финансиските можности на Општината, меѓутоа планираме, правиме пресметки, во текот на наредниот период овој проект да се прошири и на учениците од погорните одделенија“, додава Шорова-Ангелова.

Вкупниот буџет кој Општината го искористи за набавување на униформите е 4.500.000 денари. Според информации кои ги објавија некои од училиштата, доколку за попрактично одржување на ученичката униформа, родителите се одлучат за резервни парчиња, без разлика дали цел комплет или дел од униформата, цената во вкупен износ нема да биде повеќе од 1.500 денари.

Ребека Спасова М-Нет