
По несогласувањата на вчерашната прва конституитивна седница на Советот на Општина Штип, на која советниците од позицијата и опозицијата не можеа да пронајдат заеднички јазик и да гласаат по поставените седум точки, утринава со став во писмено соопштение се огласија и од Министерството за надворешни работи. Имено, од таму изразуваат загриженост од постапките на дел од советниците избрани по последнте Локални избори во врска со потпишувањето на свечената изјава. Од МНР посочија и укажаа на неколку факти меѓу кои и почитување на уставното име на државата.
„Со Законот за ратификација на Конечната спогодба, Одлуката за прогласување на амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и ХХХVI на Уставот на Република Македонија и Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија од јануари 2019 година, уставното име на државата е Република Северна Македонија и дека сите државни институции и единици на локалната самоуправа се должни да го почитуваат Уставот на Република Северна Македонија и да ги усогласат сите акти кои ги донесуваат со Уставот.
Имено, секаде каде што името Република Македонија е наведено во законите и подзаконските акти на државните органи и единиците на локалната самоуправа, вклучително и во свечената изјава, од денот на влегување во сила на горенаведените акти се користи уставното име Република Северна Македонија.“ – напишаа од МНР.
Од МНР истовремено повикуваат на доследна примена на уставните одредби од Преспанскиот договор имајќи предвид дека непочитувањето на Уставот и на ратификуваните меѓународни договори сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата и го поткопува правниот поредок на Република Северна Македонија..
Апел се упати до надлежните институции и особено до Министерството за локална самоуправа, соодветно да реагираат согласно нивните надлежности, бидејќи согласно член 3 од Законот за ратификација на Конечната спогодба „…сите други органи на државната управа во чиј делокруг спаѓаат прашањата опфатени со спогодбата се определуваат како надлежни органи што ќе се грижат за извршување на спогодбата…“
Исто така, се апелираше и до сите советници да го почитуваат Уставното име на државата.
Инаку, на вчерашната прва конституитивна седница советниците од опозициската СДСМ не ја потпишаа свечената изјава бидејќи во името на државатаја немаше придавката Северна.
Лаура Стојанова М-Нет